Понуда за промена на договорните услови за кредитните производи на физички лица

                                                                                              
                                                               

Врз основа на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик (Службен весник на Република Северна Македонија бр.76/20) и Уредбата со законска сила за начинот на промената на договорните услови на кредитните изложености кај банките и штедилниците (Службен весник на Република Северна Македонија бр.80), со цел ублажување на последиците од пандемијата на COVID-19, Силк Роуд Банка АД Скопје на ден 03.04.2020 година, ја објавува следната


ЈАВНА ПОНУДА број 03-1584 

за промена на договорните услови за кредитните производи на физички лица


Понудата се однесува на сите физички лица - клиенти на Банката, кои имаат кредити, кредитни картички и/или дозволени пречекорувања кои на 29.02.2020 година се класифицирани во категорија на ризик А, Б или В и немаат статус на нефункционална кредитна изложеност.

 

УСЛОВИ НА ПОНУДАТА:

 I. КРЕДИТИ

 Ø  Грејс период: Банката одобрува одложена наплата на обврските за кредитот (главница, камата и останати обврски кои произлегуваат од одобрениот кредит) во период до 6 месеци, односно до 30.09.2020 година. Во овој период нема да се врши доспевање на ануитети за кредитот. Клиентот ќе продолжи со редовна отплата на кредитните обврски по 30.09.2020 година, согласно нов амортизационен план кој ќе биде изработен од страна на Банката.

Ø  Пролонгирање на рокот на отплата: Крајниот рок на отплата на кредитот се продолжува за период до 6 (шест) месеци.

Ø  Камата пресметана за време на грејс периодот: Во грејс периодот Банката ќе пресметува редовна камата во согласност со важечките каматни стапки од Договорот за кредит. По истекот на периодот на одложување, пресметаната камата со останатите обврски, во согласност со Договорот за кредит, рамномерно ќе се распоредат за наплата во согласност со новиот амортизационен план кој ќе важи од октомври 2020 година.

Ø  Траен налог и автоматска наплата: За времетраење на грејс периодот, трајниот налог* и автоматската наплата на обврските по кредитните производи ќе бидат ставени во мирување.

 * Трајните налози за продуктот Направи паузаќе бидат ставени во мирување и по искористување на периодот за пауза, ќе се одобри грејс период за преостанатите месеци.

Ø  Административна забрана: Доколку производите се плаќаат со административна забрана, клиентот треба да го извести својот работодавач, со цел административната забрана од плата да се стави во мирување за времетраење на периодот на одложена наплата на кредитните обврски.

Ø  Уплати на кредитната партија: Клиентите кои ја прифатиле понудата, меѓутоа доброволно во грејс периодот ќе сакаат да извршат уплата на кредитните партии, тоа ќе можат без никакви ограничувања да го прават, со тоа што ќе треба да ја известат Банката да се изврши пренос на средства од нивната трансакциска сметка на кредитната партија. Сите уплати на кредитната партија извршени во периодот на одложеното плаќање ќе се евидентираат како примени аванси во тек на периодот на одложеното плаќање. По истек на периодот на одложеното плаќање, за сите примени аванси на кредитната партија, Банката ќе постапи согласно договорените услови.

Ø  Нов Амортизационен план за отплата: По евидентирање на сите промени на кредитната партија, Банката ќе изготви нов амортизационен план за отплата на кредитот и почнувајќи од 01.10.2020 година ќе продолжи со редовното достасување на ануитети по кредитот. Банката ќе го извести корисникот на кредитот за новиот износ на ануитетот на начин предвиден во Договорот за кредит.

Ø  Останато: Сите останати договорни одредби од постоечкиот договор, кои не се опфатени во оваа понуда, остануваат во важност за цело времетраење на Договорот.

 

II.  КРЕДИТНИ КАРТИЧКИ

 Ø  Грејс период: Банката одобрува одложена наплата на обврските за кредитните картички во период до 6 месеци, односно до 30.09.2020 година. Во овој период, износот на месечниот минимум за плаќање ќе изнесува 0% од искористениот кредитен лимит на крајот од месецот.

Ø  Камата пресметана за време на грејс периодот: За времетраење на периодот на одложена наплата, Банката ќе пресметува редовна камата, провизии и членарини согласно одредбите предвидени во Договорот за користење на кредитна картичка, но во овој период истите нема да ги наплаќа. Наплатата на камата, провизии и членарини пресметани во периодот на одложена наплата ќе се изврши по 30.09.2020 година.

Ø  Период на враќање во редовна отплата: Почнувајќи од 01.10.2020 година, како основа за пресметката на минимален износ за плаќање предвиден во Договорот за кредитна картичка, ќе се користи долгот на сметката со состојба на 30.09.2020 година.

Ø  Уплати на кредитната картичка за време на грејс периодот: Сите уплати на сметката на кредитната картичка извршени во периодот на одложување, ќе се евидентираат како приливи на сметката и ќе бидат на располагање на корисникот за користење со картичката.

Ø  Останато: Сите останати договорни одредби од постоечкиот договор, кои не се опфатени во оваа понуда, остануваат во важност за цело времетраење на Договорот.

 

 III. ДОЗВОЛЕНО ПРЕЧЕКОРУВАЊЕ на трансакциска сметка

 Ø  Рок на користење на дозволеното пречекорување: Банката одобрува автоматско обновување на одобрениот износ на дозволеното пречекорување, чиј рок на важност истекува до 30.09.2020.

Ø  Одобрен износ на дозволено пречекорување: Одобрениот износ останува непроменет без разлика дали на сметката пристигнува редовен месечен прилив, a со примена на редовните одредби предвидени во Договорот со кој е регулирано дозволеното пречекорување.

Ø  Камата: Банката ќе пресметува и наплатува камата согласно одредбите предвидени во Договорот за дозволеното пречекорување. За износот на пресметана и наплатена камата и редовни месечни надоместоци во периодот до 30.09.2020, Банката ќе го зголеми износот на дозволеното пречекорување и сметката нема да има третман на недозволен минус.

Ø  По истек на рокот од првата алинеја од овој дел, ќе се применуваат редовните одредби предвидени во Договорот со кој е регулирано дозволеното пречекорување.

Ø  Останато: Сите останати договорни одредби од постоечкиот договор, кои не се опфатени во оваа понуда, остануваат во важност за цело времетраење на Договорот.

 

УСЛОВИ ЗА СИТЕ ТИПОВИ ПРОИЗВОДИ:

Со објавувањето на оваа Понуда на веб-страницата на Банката, се смета дека Понудата е доставена до сите физички лица корисници на кредитни производи, солидарните должници и заложните должници,  на денот на објавувањето.

Сите физички лица корисници на кредитни производи, солидарните должници и заложните должници, кои ги исполнуваат условите на оваа Понуда, а кои сакаат да продолжат со редовна отплата на истите без промена на договорните услови, во рок од 10 (десет) дена од објавата на оваа Понуда, односно најдоцна до 13.04.2020 година, имаат право да ја ОДБИЈАТ Понудата со известување до Банката по електронски или писмен пат, а во спротивно ќе се смета дека Понудата е прифатена.

Доколку физичкото лице има повеќе кредитни производи и/или партии во Банката, има право поединечно да одлучи да ја одбие Понудата за секој производ и/или партија и потребно е да го наведе секој поединечен производ и партија за која ја одбива Понудата.

Физичките лица коишто нема да ја одбијат Понудата на Банката до 13.04.2020 година, се смета дека ја прифатиле Понудата, со што сите услови од оваа Понуда стануваат договорни одреби кои се составен дел на склучените договори со физичките лица корисници на кредитни производи, солидарните должници и заложните должници.

Доколку овие клиенти подоцна се изјаснат за одбивање на понудата и подготвеност да продолжат со редовна отплата на oбврските, истото тоа може да го направат со доставување на барање по електронски пат до соодветната експозитура на Банката (мејл адресите може да ги погледнете на следниот линк: https://silkroadbank.com.mk/Branch?Type=0), за целиот период додека трае пролонгирањето на плаќањата.

За клиентите кои ја одбиле јавната понуда, доколку подоцна во претстојниот период, а најдоцна до 30.09.2020 година се изложени со потешкотии во отплатата и сакаат да побараат од Банката промена на договорните услови согласно Понудата, потребно е да достават барање по електронски пат до соодветната експозитура на Банката (мејл адресите може да ги погледнете на следниот линк: https://silkroadbank.com.mk/Branch?Type=0) за користење на пролонгирањето за што ќе добијаат соодветен одговор дали истото е прифатено.

 

ПРАВНО ДЕЈСТВО НА ПОНУДАТА:

Променетите услови од Договорите за кредити, Договорите за кредитни картички и Договорите за дозволено пречекорување, како и сите нотарски исправи и обезбедувања (договори за залог владетелски - невладетелски, меници, гаранции, договори за пристапување кон долг, и останати договори за какво било друго обезбедување) спрема физичките лица корисници на кредитни производи, солидарните должници и заложните должници, произведуваат правно дејство по истекот на рокот од 10 (десет) дена од објавата на оваа Понуда, без склучување нови договори и/или анекси кон постоечките договори, нотарски исправи и останати инструменти на обезбедување, како и без да се врши промена на веќе запишаните податоци во јавните книги и регистри.


ПОЈАСНУВАЊА И НАЧИН НА КОМУНИЦИРАЊЕ НА ЈАВНАТА ПОНУДА:

ВАЖНА НАПОМЕНА:

Физичките лица кои ја ПРИФАЌААТ Понудата, НЕ ИСПРАЌААТ никакво известување до Банката и договорните услови се сметаат за променети во согласност со оваа Понуда на 13.04.2020 година.

Известување испраќаат исклучиво клиентите  кои  ја ОДБИВААТ Понудата, и тоа само преку ЕДЕН од понудените начини за известување наведени во продолжение:

Во случај на известување по електронски пат: ЗАДОЛЖИТЕЛНО е да ја информираат Банката на мејл адресата:  naseleniecovid19@silkroadbank.com.mk 

Во случај на писмено известување по пошта или директно во архивата на Банката, на следната адреса: ул. Даме Груев бр. 1, 1000 Скопје, со назнака Одбивање на Јавна понуда за одложено плаќање.

Доколку клиентите немаат можност да достават информација дека не ја прифаќаат понудата на горенаведените начини, ќе биде потребно во рокот предвиден за известување да ја посетат најблиската експозитура на Банката за да дадат писмено известување за неприфаќање на понудата.

Клиентите кои ќе ја известат Банката дека НЕ ја прифаќаат понудата, во комуникацијата задолжително да ги наведат следниве податоци:

ü  Име и презиме:

ü  Датум на раѓање:

ü  Адреса на живеење:

ü  Телефон за контакт:

ü  Кредитни производи за кои ја одбивате понудата:

Сите писмени известувања, кои ќе бидат примени во архивата на Банката на горенаведената адреса или испратени по пошта со поштенски печат на ковертот во рокот додека важи Понудата, односно заклучно до 13.04.2020 година, ќе бидат прифатени дека навремено се пристигнати во Банката.


СИЛК РОУД БАНКА упатува јавен апел сите клиенти кои имаат можност, да продолжат со редовната отплата на своите месечни обврски, согласно претходно договорената динамика.

Со тоа сите придонесуваме за економските мерки донесени од страна на банките и државата да имаат целосен ефект за субјектите за кои се наменети.


Датум на Јавната понуда: 03.04.2020 година

СТАНЕТЕ НАШ КЛИЕНТ И ИЗБЕРЕТЕ ЈА УСЛУГАТА КОЈА НАЈМНОГУ ВИ ОДГОВАРА

Пополнете ја контакт формата и наведете го вашето барање

Подесувања за колачиња

Оваа веб страница користи колачиња. На веб страницата www.silkroadbank.com.mk користиме колачиња со цел да го подобриме Вашето корисничко искуство при идната посета на веб страницата. Детални информации за начинот на кој можете да ги смените Вашите преференции за веб колачињата можете да најдете во нашиот документ Политика за приватност и Политика за колачиња.